Македонија

Седум жени убиени за една година – невладините организации бараат конкретни мерки против семејното насилство

11.11.2026 20:17

Наместо свечени настани, конференции и симболични кампањи во рамки на 16-те дена активизам, три граѓански организации бараат институционална одговорност и конкретни мерки за заштита на жртвите на семејно и родово базирано насилство. Апелираат средствата за промотивни активности да се пренасочат за шелтер-центри, правна и психосоцијална поддршка.

Седум жени убиени за една година, полициските билтени речиси секојдневно со двоцифрен број пријави за семејно насилство. Државата се подготвува за 16 дена активизам. Три граѓански организации бараат мораториум на свечените настани и конференции. Наместо симболични портокалово осветлени згради, конкретни мерки за заштита, одговорност за секој институционален пропуст.

„Треба да се предвиди воведување на алки и итни мерки коишто полицијата треба да ги презема во случај на опасност по жртвата. Не можеме да зборуваме за семејното насилство, а да ја скокнеме превенцијата. Основно, да се врати родот, родовата еднаквост и основите за дискриминација во законите за образование и во упатството за пријавување насилство во училиштата. Ако ние не зборуваме за родовите стереотипи кои се поврзани со жените, девојчињата и маргинализирани заедници, не можеме да превенираме случаи на семејно и родово базирано насилство“, изјави Атанас Аврамов – Мрежа за заштита од дискриминација.

Парите за промотивни настани да се пренасочат за шелтер-центри, правна и психосоцијална поддршка за жртвите, апелира невладиниот сектор.

Наместо 16 дена симболичен активизам, граѓанските организации бараат институционална одговорност. Нивната порака е јасна – заштитата на жените не смее да биде кампања што се спроведува еднаш во годината, туку секојдневна обврска на државата.

Рамајана, Росица, Танкица, Ивана, Катја... – насилно прекинати животи. Пријавувале насилство, барале помош, но не добиле заштита, исто како и 17-годишната Биљана од Богданци.

 

Андријана Ѓурческа