Преговори во Абу Даби

Нема договор за мир во Украина, постигната согласност за размена на заробеници

11.11.2026 20:47

Два дена преговори, три делегации и без договор за крај на војната во Украина. Средбата во Абу Даби донесе согласност за голема размена на воени заробеници, но клучните политички прашања остануваат отворени. Москва бара нов безбедносен поредок во Европа, Киев гаранции за својата безбедност и европско учество, а Вашингтон најавува продолжување на дипломатската мисија.

Три делегации, разговори зад затворени врати и прашања што ја надминуваат иднината на Украина. По два дена преговори во Абу Даби, конкретен договор за крај на војната нема. Најконкретниот резултат е начелната согласност за голема размена на воени заробеници. Украинскиот главен преговарач Рустем Умеров потврди напредок во разговорите за безбедносните прашања, но нагласи дека разликите меѓу страните остануваат. За Киев, иднината на Украина не може да се договара без Европа. Умеров им се заблагодари на Велика Британија, Франција, Германија, Италија, НАТО и Европската комисија за нивната работа во Абу Даби. Европските претставници не беа на главната трилатерална маса, но одржаа одделни консултации со американската и украинската делегација. Умеров признава дека пред преговарачите има уште многу работа.

„Постигнуваме огромен напредок во прашањата поврзани со безбедноста. Страните успеаја директно да ги претстават своите позиции. Остануваат значителни разлики. Пред нас има уште многу тешка работа, но постојат можности за продолжување на преговарачкиот процес“, изјави Рустем Умеров, шеф на украинската делегација.

Москва, пак, инсистира на нова безбедносна архитектура во Европа. Шефот на руската делегација Владимир Медински смета дека досегашниот поредок, чии темели биле поставени по Втората светска војна, не функционира. Според него, потребна е целосна промена, а не делумни решенија. Медински упати остри критики кон европските земји поради нивната воена поддршка за Украина и порача дека Москва не добила конкретни мировни предлози од нив.

„Конфликтот во Украина покажа дека целиот безбедносен систем во Европа, воспоставен по Јалта и Потсдам, функционира многу лошо. Во суштина, целиот систем е болен. Во Украина едноставно се појави гноен чир. Затоа мора да го лекуваме целиот систем. Фластер нема да помогне“, нагласи Владимир Медински, шеф на руската делегација.

Вашингтон, од друга страна, разговорите ги оцени како конструктивни. Американскиот специјален пратеник Џаред Кушнер најави продолжување на дипломатските контакти. Toј и Виткоф утре заминуваат за Москва на средба со Путин, а потоа планираат разговори и со украинскиот претседател Зеленски во Даблин. Размената на заробеници е првиот конкретен резултат. Но, за територијалните прашања, безбедносните гаранции и идната безбедност на Европа сè уште нема договор. Преговорите продолжуваат, а патот до мирот останува неизвесен.

 

Бојана Крстевски