„Денови на македонската литература за деца 2026“ во Македонскиот КИЦ во Тирана
Македонската литература за деца ќе биде во фокусот на тридневната манифестација „Денови на македонската литература во Албанија“, што од 12 до 14 ноември ќе се одржи во Тирана. Предвидени се промоции на книги, детски списанија и сликовници, книжевни средби, работилница за деца, како и потпишување меморандуми за соработка со албански издавачи и здруженија.

Промоција на македонската литература за деца и поттикнување на читањето и негувањето на македонскиот јазик во Албанија е целта на манифестацијата „Денови на македонската литература во Албанија“, која од 12 до 14 ноември ќе се одржи во Тирана.
Манифестацијата е во организација на Македонскиот културен центар во Тирана, а ќе ја реализира издавачката куќа „Едука Мак“. Свеченото отворање е закажано за 12 ноември, во 18 часот, во просториите на КИЦ Тирана. На настанот ќе се обратат програмската уредничка на проектот, м-р Ели Маказлиева, и директорката на КИЦ Тирана, д-р Ема Попивода.
Во рамките на програмата ќе бидат промовирани книги за деца, детски списанија и сликовници, а ќе бидат претставени и автори на литература за најмладите. Предвидено е и врачување плакета на добитникот на наградата „Литературни пишували – патувалки 2026“, доделена на конкурсот за необјавена книга или сликовница за деца.
Писателите од „Едука Мак“ ќе одржат и работилница за деца во градинката при „Albanian College Tirana 2 – ACT2“, на кои ќе им подарат книги.
Во Тирана ќе биде потпишан и меморандум за соработка со албанска издавачка куќа, со цел подготовка на заеднички изданија на детски книги од македонски и албански автори на двата јазика.
Дополнително, „Едука Мак“ ќе донира 100 книги на КИЦ Тирана, а предвидена е и соработка со Здружението на Македонците во Албанија за обезбедување детски книги и списанија за децата од македонското малцинство.
Книжевното дружење ќе го води м-р Верица Мукоска, лекторка по македонски јазик на Универзитетот за странски јазици во Тирана. Манифестацијата треба да придонесе кон поголема видливост на македонското книжевно творештво и зачувување на јазичната и културната поврзаност со македонската заедница во Албанија.
