Јанев во посета на оперативните единици на Германската федерална полиција – размена на искуства и добри практики
Во рамки на работната посета на Германската федерална полиција, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, заедно со македонската делегација, посети повеќе оперативни и организациски единици на германската полиција, со цел непосредно запознавање со нивното функционирање, техничките капацитети и современите практики во справувањето со безбедносните предизвици.

Во рамки на работната посета на Германската федерална полиција, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, заедно со македонската делегација, посети повеќе оперативни и организациски единици на германската полиција, со цел непосредно запознавање со нивното функционирање, техничките капацитети и современите практики во справувањето со безбедносните предизвици.
Делегацијата го посети Заедничкиот контакт-центар на германската и полската полиција во Слубице, каде се запозна со моделот на прекугранична полициска соработка, брзата размена на информации и оперативната координација. Во Франкфурт на Одра беа презентирани организацијата на граничната контрола, оперативните процедури и примената на современи технологии, вклучително и беспилотни летала во надзорот на границата.
Посебен акцент беше ставен на посетата на единицата на Федералната полиција во близина на аеродромот во Хамбург, каде беа презентирани примената на електронските порти (E-gates), системите за заштита на аеродромската инфраструктура и специјализираната опрема и процедури за справување со безбедносни закани.
Во Хановер, делегацијата оствари средба со претставници на Федералната полиција задолжени за истраги поврзани со криминал, криумчарење мигранти и трговија со луѓе. Преку анализа на конкретни случаи беа разменети искуства за истражните методи, откривањето криминални мрежи и можностите за унапредување на заедничкото оперативно дејствување.
Посетите овозможија непосреден увид во современите технологии, организациските модели и оперативните практики на германската полиција, кои претставуваат значајно искуство за натамошно јакнење на капацитетите на македонската полиција.
Директорот Јанев изрази благодарност до Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје и германската Влада за поддршката и придонесот во реализацијата на посетата, истакнувајќи ја важноста на развојот на долгорочно оперативно партнерство преку размена на информации, заеднички обуки, истражни активности и унапредување на професионалните стандарди.
Соработката меѓу македонската и германската полиција претставува значаен придонес кон јакнењето на европската безбедност, бидејќи современите безбедносни закани бараат поврзани институции, меѓусебна доверба и координирано заедничко дејствување.
