Долготрајни аплаузи за премиерата на „Татко“ во Народниот театар Битола
Со долготрајни аплаузи и позитивни реакции од публиката заврши премиерната изведба на претставата „Татко“ од Август Стриндберг, во режија на Благој Мицевски, на сцената на Народниот театар Битола. Претставата, која се занимава со семејните односи, недовербата, осаменоста и борбата за моќ, беше дел од програмата за одбележување на 4 Ноември – Денот на ослободувањето на Битола.

Со долготрајни аплаузи и силни импресии од публиката заврши премиерата на претставата „Татко“ од шведскиот драматург Август Стриндберг, во режија на Благој Мицевски, на сцената на Народниот театар Битола.
Премиерата се одржа на 10 ноември, како дел од официјалната програма на Општина Битола по повод одбележувањето на 4 Ноември – Денот на ослободувањето на градот.
Станува збор за психолошка драма што ги отвора прашањата за распадот на семејните односи, осаменоста, недовербата и борбата за моќ меѓу најблиските. Преку приказната за брачните односи и трагедијата на човекот кој постепено ја губи сигурноста, претставата ја прикажува и ранливоста на детето кое станува жртва на конфликтот меѓу родителите.
Покрај режијата, Благој Мицевски е автор и на сценографијата и костимите. Во претставата играат Петар Горко, Катерина Аневска-Дранговска, Сандра Грибовска Илиевска, Никола Пројчевски, Живко Борисовски и Соња Михајлова. Асистент на режија е Дамјан Димовски, а музиката е на Марјан Нечак.
Од Народниот театар Битола изразија благодарност до публиката за реакциите и поддршката, посочувајќи дека непосредниот контакт со гледачите е најголемата радост за театарските творци.
Програмските активности на институцијата продолжуваат на 14 ноември, кога ќе бидат одбележани 82 години од нејзиното постоење. Јубилејот ќе биде одбележан со свеченото отворање на 12. издание на Битола Шекспир фестивалот, кое ќе започне со претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, со прва премиерна изведба на матичната сцена.
Фото: Ивона Кочов
