Ново олеснување за клиентите на Алта банка, компаниите можат да исплаќаат плати и придонеси
Се проширува пристапот до средствата во Алта банка. Од денеска се овозможува исплата на плати и придонеси, повторно се отвораат можностите за електронско и мобилно банкарство. Од Народна банка и Министерството за финансии уверуваат дека состојбата во Алта банка не ја загрозува финансиската стабилност на државата.

Ново олеснување за клиентите на Алта банка. Од денеска фирмите ќе можат да исплаќаат плати и придонеси, а треба да работи и електронското и мобилното банкарство. Мерката се однесува на фирмите за кои исплатата на плати била редовна практика во трите месеци пред донесувањето на одлуката. Дозволениот износ за исплата може да биде до 5% повисок од вкупната сума на исплатени плати во октомври. Со ова се овозможува продолжување на редовните исплати кон вработените и подмирување на обврските кон државата, додека Народна банка ја задржува контролата врз одливот на средства од банката.
Она што ја олеснува процедурата е повторно отворената експозитура на Алта банка во скопски Аеродром. Граѓаните можат да подигнуваат готовина на шалтер, во рамките на утврдените ограничувања.
И од Министерството за финансии и Народна банка уверуваат дека случајот со Алта банка нема никаква закана за финансиската стабилност на државата и нема ризик од губење државни средства.
За расплетот, од Народна банка велат дека за продажба на акциите, мора да има рок за нивно оттуѓување од акционерот, односно стечајниот управник, а потоа овластување за продажба.
Администраторите, пак, имаат обврска за 21 ден да ја утврдат состојбата и да достават извештај.
Борис Грујоски
