Климатски аларм

12.11.2026 13:16

Светот се движи кон затоплување од 2,7 степени до крајот на векот, предупредуваат научниците на климатскиот самит КОП31 во Анталија.

Климатската криза се движи побрзо од напорите за нејзино запирање – главна порака од конференцијата КОП31 во Анталија, каде што научниците предупредија дека актуелните политики не се доволни за да се спречи опасното затоплување. Според нивните проекции, светот до крајот на векот се движи кон раст на температурата од 2,7 Целзиусови степени.

„Колективната акција на владите против климатските промени стагнира петта година по ред. Владите не успеаја значително да ги подобрат изгледите за затоплувањето до крајот на векот“, изјави Сара Хек – аналитичарка за климатски политики.

Генералниот секретар на ОН, Гутереш, предупреди дека емисиите на штетни гасови достигнуваат рекордни нивоа, додека интересите на индустријата за фосилни горива ја попречуваат транзицијата кон чиста енергија.

„Фосилните горива мора да заминат во историјата, како диносаурусите. Време е да ја прекинеме зависноста од нив“, изјави Антонио Гутереш – генерален секретар на ОН.

Домаќинот на самитот, турскиот претседател Ердоган, ја отвори и темата за еколошките последици од војната во Газа. Тој побара итно доставување хуманитарна помош, предупредувајќи дека уништувањето на инфраструктурата и поплавените шатори дополнително ги загрозуваат животната средина и опстанокот на населението.

„Во Газа нема само геноцид, туку и екоцид. Палестинците, особено невините деца, се борат за опстанок во поплавени шатори“, изјави Реџеп Таип Ердоган – претседател на Турција.

Турција предлага електрификацијата да стане еден од главните двигатели на климатската транзиција. Целта е уделот на електричната енергија во глобалната крајна потрошувачка да достигне 35 проценти до 2035 година.

„Со иницијативата сакаме уделот на електричната енергија во потрошувачката да достигне 35 проценти до 2035 година“, изјави Мурат Курум – министер за животна средина на Турција.

Поддршка за иницијативата даде и шефицата на Европската комисија. Најави намалување на емисиите во ЕУ за 90 отсто до 2040 година, како чекор кон климатска неутралност до 2050 година.

„Европа ќе го даде својот придонес. Мораме да ги удвоиме напорите, бидејќи секој дел од степенот е важен“, изјави Урсула фон дер Лајен – претседателка на Европската комисија.

Британскиот премиер предупреди дека зависноста од фосилните горива ја загрозува и енергетската безбедност.

„Преминот кон чиста енергија е единствениот пат до енергетска безбедност“, изјави Енди Барнам – премиер на Велика Британија.

Но, научниците предупредуваат дека времето за дејствување истекува. Без брзо намалување на емисиите, светот ризикува трајно да ја надмине границата од 1,5 степен затоплување, утврдена со Парискиот климатски договор. Самитот во Анталија продолжува до 20 ноември.

Бојана Крстевски