Хаџи Василева: Ефикасниот кривичен прогон ќе биде мој главен приоритет
Новата шефица на ОЈО ГОКК ја презема функцијата со ветување за поефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата. Очекува и подобри законски решенија што ќе создадат услови за поефикасен кривичен прогон.

Новата шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција даде заклетва пред членовите на Советот на обвинители. Вети дека ќе ги заштити слободите и правата на човекот, граѓаните и интересите на правните субјекти. Порача дека нејзини главни приоритети ќе бидат ефикасен кривичен прогон и максимално искористување на ресурсите во борбата против корупцијата и организираниот криминал. За поуспешни резултати ветува обезбедување повеќе ресурси и поефикасно користење на постојните.
„Свесна сум за одговорноста која ја налага моменталниот контекст и она што е наш повик и задача. Ќе се обидуваме да испорачаме поефикасен директен кривичен прогон онаму каде што најмногу значи, во предмети и во односи на работи кои навистина го засегаат јавниот интерес и навистина се интерес на сите нас, граѓаните и на ова општество“, изјави Искра Хаџи Василева – претседателка на ОЈО ГОКК.
Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција очекува подобри законски решенија со новиот Кривичен законик и Законот за кривичната постапка, кои треба да создадат подобри услови за кривичен прогон. Хаџи Василева беше избрана за раководителка на изборите одржани на 28 октомври годинава. Кормилото ќе го преземе в понеделник од нејзиниот претходник Ислам Абази, кој пак ќе се врати во Гостиварското вишо обвинителство.
Наташа Гркова- Петрушевска
