Полицајците од Пробиштип добиле усна наредба за рација во „Пулс“, но не знаеле какви задачи ќе извршуваат
Полицискиот началник Даниел Василевски на судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ сведочеше дека полицајците од Пробиштип добиле усна наредба од претпоставениот да одат во Кочани, без прецизни информации за задачите. За семејствата на загинатите останува нејасно зошто наредбата не била писмена.

Тргнале во рација, а не знаеле што точно ќе ловат. Полицајците од Пробиштип кои кобната вечер биле во дискотеката „Пулс“ добиле усна наредба од шефот дека ќе одат во Кочани, но не знаеле какви задачи ќе извршуваат.
Ова го тврди полицискиот началник Даниел Василевски кој беше сослушан на рочиштето. Тој тврди дека неговите колеги само ги следеле наредбите на претпоставените.
За семејствата на загинатите е нејасно како полицајците добиле усна, а не писмена наредба за да вршат контрола во клубот.
Тринаесетмината полицајци се товарат за тешки дела против општата сигурност, односно дека не ја спречиле употребата на пиротехника и не ги извршиле потребните проверки.
