Интерес за имунизација
Нов сомнителен случај на мали сипаници кај 14-месечно дете од Скопје. Здравствените власти апелираат на одговорност и имунизација.

14-месечно дете од Скопје е сомнително на мали сипаници. Хоспитализирано е на Клиниката за детски болести „Козле“, а лабораториските анализи треба да покажат дали е заразено со вирусот.
По петте потврдени случаи на морбили во земјава, интересот за имунизација со МРП е зголемен. Освен препораки, присилни мерки нема – вели министерот за здравство. Во градинките и во училиштата нема забрана за прием на невакцинирани деца и не се бараат потврди со кои треба да се докаже дали детето е заштитено од морбили или не. Здравствените власти се потпираат на свеста и одговорноста на родителите.
„Ова е единствен начин да спречиме епидемија. Сите треба да направиме чекор кон тоа. Нема потреба да се закануваме, да присилуваме, да се фалсификуваат потврди. Нема заговор, не се измислени случаи, нема подобра заштита од вакцини“, изјави Сашо Клековски – министер за здравство.
Во тек е и имунизацијата против сезонски грип, а се трошат последните количини. Досега се вакцинирани повеќе од 20 илјади повозрасни и хронично болни граѓани. Најдоцна до понеделник се очекува да пристигнат уште 26 илјади дози од француски производител.
„Очекувам утре или во понеделник да донесеме одлука дали дел од вакцините ќе ги направиме достапни и за неризичните групи, бидејќи со крајната набавка на 30 илјади вакцини ќе има достапни 86 илјади“, вели министерот Клековски.
Епидемиолошкиот праг за влез во сезоната со грип сè уште не е достигнат. Последната недела се пријавени 112 случаи со грип и заболувања слични на грип. Најмногу заболени има во Скопје, Куманово и Тетово. Доминира возрасната група од 15 до 64 години. Потврдени се осум случаи со грип и четири со ковид.
Андријана Ѓурческа
