Собраниеои

Паузи и кавги наместо пратенички прашања - атмосферата на граница на конфликт

12.11.2026 18:26

Два часа паузи, ниту едно пратеничко прашање. Наместо соочување на власта и опозицијата, собраниската сала се претвори во мегдан на политички кавги и обвинувања. Седницата пропадна опозицијата обвини за саботажа. Се започна по реакциите на ДУИ и нивното барање за прекин бидејќи не се присутни министри. Потоа одмор побара и пратеничката група на ЗНАМ. Атмосферата на граница на конфликт. Спикерот Гаши ги повика на координација, не се вратија да продолжат.

Пропадна собраниската седница резервирана за пратенички прашања од опозицијата. Предвиденото време од два часа пратениците од власта и опозицијата го поминаа во надмудрување и барање паузи се до моментот кога атмосферата во собраниската сала се вжешти и претседателот на законодавниот дом побара трета пауза и средба со координаторите на пратеничките групи.

„Ова е апсолутно непотребно. Многу е крената тензијата поради што ги повикувам координаторите на пратеничките групи на состанок. Не е добро граѓаните да не гледаат во ваква атмосфера“, порача Гаши и ја прекина седницата, без да каже кога ќе продолжи.

Претходно Крмов од Левица се закани дека, или ќе има пратенички прашања толку колку што предвидува Деловникот, или нема да има седница. Го обвини Гаши за пристрасност со цел да се одземе право на опозицијата да прашува што и како работи Владата. Спасовски од СДСМ пак со став дека претседателот на Собранието свесно и намерно го намалува времетраењето за пратеничките прашања.

Стојчевски од ЗНАМ побара од опозициските пратеници да го користат инструментот пратенички прашања бидејќи оставаат впечаток на преседан – опозицијата да избегнува пратенички прашања.

На самиот почеток на седницата координаторката на пратеничката група на ДУИ Ајдари, реагираше дека во салата не се присутни министрите на кои им беше најавено дека ќе им се постават прашања.

ВМРО-ДПМНЕ побара претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Сања Лукаревска итно и неодложно да свика продолжение на надзорната расправа за Алта банка. Пратеникот Стојаноски обвини и дека опозицијата, особено СДСМ, прави се за да го спречи одржувањето на опозициските прашања. Лукаревска возврати, ќе ја закаже расправата на Комисијата за финансирање и буџет откако владејачкото мнозинство ќе одлучи што им е поважно, дали вистината за Алта Банка или расправата за Буџетот за 2027 год.

За утре е закажана седницата на Комисијата за буџет и финансирање.

Марина Стојанова Тонева