Собрание

Буџетот за 2027 пред пратениците

13.11.2026 08:29

Собраниската Комисија за финансирање и буџет почнува со разгледување на Предлог-буџетот за 2027 година, во второ читање. Поднесени се над 300 амандмани. Приходите се планирани на 395,4 милијарди денари, расходите на 440,4 милијарди, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.

На денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет почнува разгледувањето на Предлог-буџетот за 2027 година, во второ читање. За него се поднесени над 300 амандмани, а комисиската расправа ќе трае 10 дена – четири дена за општ претрес и шест дена за разгледување на амандманите.

Со Предлог-буџетот се планирани вкупни приходи од 395,4 милијарди денари и расходи од 440,4 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 проценти од БДП.

За капитални расходи се предвидени 40,8 милијарди денари, додека за социјални трансфери 220,8 милијарди денари, од кои 123,8 милијарди за пензии.

Покрај финансирањето на дефицитот, државата наредната година треба да сервисира и долг од 124,6 милијарди денари. Меѓу обврските е и отплатата на еврообврзницата од 500 милиони евра издадена во 2023 година.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска при претставувањето на буџетот истакна дека целта е одржување стабилни јавни финансии, постепена фискална консолидација и создавање услови за економски раст, инвестиции и подобрување на животниот стандард.