Одбележување

Скопје одбележува 82 години од ослободувањето

13.11.2026 08:48

На денешен ден пред 82 години, на 13 ноември 1944 година, Скопје беше ослободено од фашистичката окупација...

Градот Скопје денеска одбележува 82 години од ослободувањето во Втората светска војна. На денешен ден пред 82 години, на 13 ноември 1944 година, Скопје беше ослободено од фашистичката окупација. Во ослободителните операции учествувале 42. и 50. Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада, кои по неколкудневни жестоки борби влегле во градот.

По повод празникот, предвидено е положување цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта во Бутел, на Алејата на заслужните граѓани на гробот на генералот Михајло Апостолски на гробиштата во Бутел, како и пред споменикот на Ослободителите на Скопје пред зградата на Владата.

Од Град Скопје информираат дека вечерва во Македонската опера и балет ќе се одржи и свеченото доделување на наградата „13 Ноември“.