Директорот на „Нвидиа“ Џенсен Хуанг поднесе оставка
Оставката на Џенсен Хуанг отвори прашања за иднината на технолошкиот гигант, американската политика за извоз на чипови и односите со Кина. Компанијата привремено ќе ја води финансиската директорка Колет Крес.
Извршниот директор на „Нвидиа“, Џенсен Хуанг, поднесе оставка по откритијата за негови наводни вонбрачни врски, меѓу кои и со кинеската бизнисменка Алис Хуанг, осомничена од американските власти за шпионажа во корист на Пекинг, објави Ројтерс.
Скандалот предизвика сериозна криза во една од највлијателните компании во индустријата за вештачка интелигенција и ги засили повиците во американскиот Конгрес за построги ограничувања на извозот на напредни чипови во Кина.
Според медиумските извештаи, Хуанг бил во блиски односи и со уште една вработена во компанијата. Неговото заминување отвори и прашања за иднината на „Нвидиа“, која во изминатите години стана една од највредните компании во светот, со пазарна вредност што во еден момент достигна речиси шест билиони долари.
Финансиската директорка Колет Крес привремено ќе ја преземе функцијата извршен директор, додека компанијата бара постојан наследник. Хуанг, кој беше еден од основачите на „Нвидиа“ пред повеќе од три децении, ќе го напушти и Управниот одбор, во кој за нов претседател е именуван Харви Џонс.
Случајот предизвика реакции и во администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Според Ројтерс, високи претставници на Белата куќа разговараат и за можноста за заминување на министерот за трговија Хауард Лутник, поради неговата поддршка за ублажување на ограничувањата за продажба на чипови на Кина.
Оставката на Хуанг ја разнишува и довербата на инвеститорите во акциите на компаниите од секторот на вештачката интелигенција, која и претходно беше нестабилна, поради зголемените трошоци и задолжувањето на технолошките гиганти, кои традиционално располагаат со големи финансиски резерви. Тоа отвора сомнежи дали бумот на вештачката интелигенција ќе ги оправда очекувањата.
Со години „Нвидиа“ беше најпозната меѓу гејмерите по своите графички картички од највисока класа. Но, способноста на нејзините чипови истовремено да извршуваат голем број пресметки ги претвори во клучна основа на подемот на вештачката интелигенција и во стратешки адут во натпреварот меѓу САД и Кина за доминација во оваа технологија. Тоа придонесе „Нвидиа“ да стане највредната компанија во светот, пред неодамнешниот пад на вредноста на нејзините акции.
Хуанг со години имаше статус на рок-ѕвезда меѓу извршните директори. Во Тајван и Јужна Кореја го опкружуваа обожаватели кои бараа автограми на книги, постери, а понекогаш дури и на своите тела.
Скандалот што му претходеше на заминувањето на Хуанг се развиваше повеќе од една година. Почна во октомври 2025 година, кога „Њујорк тајмс“ објави текст во кој го поврза со Алис Хуанг, поранешна директорка на сингапурската компанија „Мегаспид“, партнер на „Нвидиа“ во областа на облачните услуги, кој имал приоритетен пристап до нејзините чипови.
Во подоцнежните извештаи беше објавено дека американските разузнавачки служби верувале дека Алис Хуанг дејствувала во име на кинеските разузнавачки служби. Пекинг негираше дека таа е шпионка, а американскиот државен обвинител Тод Бланш вчера изјави дека Министерството за правда сè уште нема донесено заклучок дали таа навистина шпионирала или не.
