Од понеделник почнува со работа и експозитурата на Алта банка во Прилеп
Се проширува достапноста на банкарските услуги за клиентите на Алта банка. Од 16 ноември ќе работи и експозитурата во Прилеп, каде што граѓаните ќе можат да подигнуваат готовина во рамките на утврдениот лимит од 20.000 денари во период од две недели. Продолжуваат со работа и филијалите во Струмица и Тетово, како и експозитурата во скопскиот ТЦ „Бисер“.

Од понеделник, 16 ноември, клиентите на „Алта банка“ ќе можат да ги користат банкарските услуги и во експозитурата во Прилеп. Ова е дел од активностите за проширување на достапноста до средствата и олеснување на секојдневните финансиски обврски на клиентите, информира Народната банка.
Во прилепската експозитура, клиентите кои имаат платежна сметка, но не поседуваат платежна картичка, ќе можат да подигнат до 20.000 денари во период од две недели.
Продолжуваат со работа и филијалите во Струмица и Тетово, како и експозитурата во Скопје, во Трговскиот центар „Бисер“. Таму граѓаните можат да подигнуваат готовина на шалтер во рамките на утврдените лимити, но и да вршат уплати за комунални услуги, отплата на кредити и други потреби.
Од 10 ноември клиентите на Банката можат да ги користат и електронското и мобилното банкарство. За оние кои поседуваат платежни картички важи лимитот од 15.000 денари неделно, додека за клиентите без картички лимитот е 20.000 денари во период од две недели.
Овие ограничувања се применуваат збирно за сите сметки на клиентот и ги опфаќаат сите начини на плаќање и повлекување средства, вклучително и плаќањата со картички, подигнувањето готовина од банкомати и на шалтер, како и трансакциите преку електронското и мобилното банкарство.
Од Народната банка посочуваат дека физичките лица можат неограничено да располагаат со новите приливи на сметките во „Алта банка“ доколку средствата се префрлени од платежни сметки во други банки или кај други даватели на платежни услуги.
Олеснувања се предвидени и за компаниите. Овозможена е исплата на плати, даноци и придонеси за фирмите кои во последните три месеци редовно исплаќале плати преку платежните сметки во Банката.
Народната банка информира дека продолжува внимателно да ја следи состојбата и да презема активности за полесен пристап на клиентите до сопствените средства и непречено извршување на платежните услуги.
