Голем прекин на сервисите на „Мајкрософт“ – Outlook, Teams и Copilot не функционираат повеќе од 12 часа
Еден од најголемите прекини во работењето на „Мајкрософт“ ги остави без пристап до Outlook, Teams и Copilot илјадници компании и институции ширум светот. Проблемите ги погодија владините служби, финансиските институции и авиокомпаниите во повеќе земји. Од компанијата велат дека нема индиции за сајбер-напад и дека преземаат мерки за целосно обновување на услугите.
Повеќе од 12 часа трае прекинот во работењето на сервисите Outlook, Teams и Copilot на „Мајкрософт“, предизвикувајќи сериозни проблеми во комуникацијата на компаниите и владините институции ширум светот.
Прекинот ги погоди институциите во Австралија, Јапонија и САД, како и финансиски компании, авиокомпании и берзански оператори. Дел од компаниите беа принудени да го одложат објавувањето на финансиските резултати, а некои финансиски институции во Тајван дури користеле факс за потврдување на трансакциите.
Проблеми пријавиле и американските компании за вештачка интелигенција „OpenAI“ и „Anthropic“, поради нарушеното функционирање на конекторите на „Мајкрософт“.
Од компанијата како причина за прекинот ги наведоа проблемите со серверите, нагласувајќи дека немаат сознанија за злонамерна активност или сајбер-напад. Во последното известување информираа дека се забележуваат знаци на стабилизирање, по имплементацијата на корективните мерки.
Ова е втор прекин на услугите Microsoft 365 од почетокот на годинава. Проблеми имаше и во јануари, а сличен инцидент беше регистриран и во октомври минатата година.
Аналитичарите предупредуваат дека повторувањето на ваквите прекини може да ја доведе во прашање довербата на корисниците во сигурноста на услугите на компанијата, особено поради зависноста на голем број организации од нејзината дигитална инфраструктура.
