Конференција

Форум на балканските уставни судови во Охрид

13.11.2026 19:52

Политичките притисоци, независноста на уставните судови и сè помалата доверба во правосудството се клучните предизвици со кои се соочуваат земјите од Балканот.

Политичките притисоци, кризата на владеењето на правото и рекордно ниската доверба во судството се сериозни предизвици за уставните судови во целиот регион. На овие теми деновиве во Охрид дискутираат претставници на уставните судови од целиот Балканот, на четвртиот годишен состанок на Балканскиот форум.

Политиката наоѓа различни начини да влијае врз работата на уставните судови, од изборот на судии до непополнувањето на нивниот состав. Повеќе од една година Уставниот суд во земјава работеше со осум наместо со девет судии. Иако едно место беше пополнето по оставката на друг судија, повторно е во нецелосен состав.

„Смислата на Уставот е да постои Уставен суд и тој суд да биде составен од девет. Еве јас сум бил дел од Уставниот суд што работел со пет судии. И тоа скоро две години. Дали е тоа нормално? Значи тоа е нарушување на смислата и на духот на Уставот“, изјави Дарко Костадиновски, претседател на Уставниот суд.

Најсериозен проблем е недовербата во судството, која е сведена на само два проценти, а причините се гледаат во непочитувањето и неправилната примена на правото.

„Кај нас во нашата земја и во другите соседни земји, посебно во нашата земја, правото е во криза. Правото е во криза кога не се почитува, неправилно се применува. Правото е во криза кога и законодавниот дом носи ептен лоши закони, лоши закони во смисла на тоа што се противуставни, штетни, со штетни последици“, изјави Осман Кадриу, уставен судија.

Институционалната соработка и поврзаност е од клучно значење за поголема ефикасност на демократските вредности, порача собранискиот спикер Гаши.

Прашања кои се од суштинско значење за сегашноста, но уште повеќе за иднината на нашите демократски општества. Владеењето на правото не е само уставен принцип или правен концепт. Тоа е основата врз која се гради довербата меѓу граѓаните и институциите. Тоа е гаранција дека моќта има свои граници.

Според шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, форумот е потврда на заедничката посветеност на уставната демократија и владеењето на правото, бидејќи сите уставни судови во регионот се соочуваат со истите предизвици.

Претставниците на уставните судови од Балканот деновиве во Охрид, на четвртиот годишен состанок на Балканскиот форум, ќе разменуваат искуства, ќе ги анализираат европските практики и ќе бараат начини за зајакнување на независноста на уставното судство.

Соња Рилковска