Претреси во демиркаписко – одземени ловечки пушки, опрема и месо од дивеч, приведени две лица
Две лица од селото Бистренци се лишени од слобода под сомнение за незаконит лов во време на забрана и поставување недозволени предмети за лов на диви животни. При претресите, полицијата пронашла и одзела ловечки пушки, патрони, ловечка опрема и месо од различни видови диви животни.
Две лица на возраст од 66 и 76 години од селото Бистренци, демиркаписко, се лишени од слобода поради сомнение за незаконит лов.
Како што информираат од МВР, случајот бил пријавен од ловечкото друштво „Вардар“ од Неготино, од каде што посочиле дека на 10 ноември, на просторот на ловиштето Корешница во селото Бистренци, биле забележани две лица кои поставувале недозволени предмети за лов на диви животни и ловеле во период на забрана.
По добиена судска наредба од Основниот суд во Кавадарци, полициски службеници извршиле претреси во домовите на двете лица.
Во домот на едното лице биле пронајдени и одземени предмети за лов на диви животни, ловечки патрони, ловечка пушка и месо од различни видови диви животни. При претресот во вториот дом биле одземени пушка, предмети за лов на диви животни и дозвола за оружје со измината важност.
Двете лица биле приведени во полициска станица. За случајот бил известен јавен обвинител, а по целосно документирање на настанот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
