Мицкоски го информирал Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за средбата со ВРЕДИ и разговорите за кадровските решенија
Принципите на коалицијата, енергетските предизвици и кадровските решенија биле меѓу темите на средбата на Мицкоски со раководството на ВРЕДИ, за која премиерот ги информирал членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. На седницата бил избран и Љупчо Пренџов за заменик-генерален секретар на партијата, а се разговарало и за случајот со Алта банка.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера на редовна седница на Извршниот комитет на партијата, меѓу другото, ги информирал своите сопартијци за средбата што ја остварил со раководството на коалицискиот партнер во Владата, ВРЕДИ. Како што посочил Мицкоски, биле дискутирани принципите на коалицијата, идните предизвици во делот на енергетските состојби, а станало збор и за кадровски решенија, за кои, како што појаснил, дискусијата ќе продолжи во наредниот период.
Со членовите на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски разговарал и за случајот со Алта банка, при што заклучиле дека опозицијата дејствува во насока на рушење на банката и оштетување на граѓаните, а дека институциите дејствуваат во насока на изнаоѓање решение.
На седницата, пратеникот Љупчо Пренџов бил избран за заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, била донесена и одлука за теренска агенда на координаторите од Извршниот комитет за посета на општинските и месните комитети на партијата.
