Култура

Тамара Котевска го освои „британскиот Оскар“ за документарен филм со „Приказната за Силјан“

13.11.2026 19:35

Македонската режисерка Тамара Котевска го освои Гран-при признанието за најдобар кино-документарец на престижните британски награди „Гриерсон“, што се доделуваат во Лондон. Со наградата за филмот „Приказната за Силјан“, Котевска се најде во друштво на светски познати документаристи, меѓу кои Вернер Херцог и сер Дејвид Атенборо.

Нов голем меѓународен успех за македонската кинематографија. Режисерката Тамара Котевска го освои Гран-при признанието за најдобар кино-документарец на овогодинешното доделување на британските награди „Гриерсон“ во Лондон, познати и како „британски Оскари“ за документарен филм.

Котевска ја доби наградата за филмот „Приказната за Силјан“ (The Tale of Silyan), во продукција на National Geographic Documentary Films и Dogwoof.

Наградите „Гриерсон“, основани во чест на пионерот на документарниот филм Џон Гриерсон, важат за едни од најстарите и најугледните признанија во британската документарна продукција.

Со ова признание, македонската режисерка се вброи меѓу светски познатите автори кои ја освоиле наградата, меѓу кои се Вернер Херцог, сер Дејвид Атенборо, Луј Теру, Асиф Кападија и Алекс Гибни, како и авторските тимови на документарните филмови „Без друга земја“, „За Сама“ и „Сè што дише“.

Ова е уште еден значаен успех за Котевска, по меѓународниот одек на „Медена земја“ и неодамнешното освојување на наградата „Зелена панда“ (Wildscreen Panda Award) за „Приказната за Силјан“.

По добивањето на признанието, Котевска изјави дека вредноста на филмот продолжува да се потврдува по цела година исполнета со награди, додавајќи дека тој ги носи нејзиното срце и целата нејзина страст кон седмата уметност.