Руско-украински конфликт

Нова рунда мировни преговори за Украина, на фронтот нападите продолжуваат

13.11.2026 17:17

Рускиот претседател прифатил на преговарачката маса да седнат и Европејците, но ако решат дека сакаат мир. Американските медијатори во Москва, по средбата со рускиот претседател, соопштија дека на украинскиот претседател Зеленски му носат предлог од Путин за заедничка хуманитарна мисија во еден град во источна Украина. Нападите не престануваат...

Договорена е нова рунда трилатерални преговори меѓу Русија, Украина и САД. Рускиот претседател прифатил на преговарачката маса да седнат и Европејците, но ако решат дека сакаат мир. Американските медијатори во Москва, по средбата со рускиот претседател, соопштија дека на украинскиот претседател Зеленски му носат предлог од Путин за заедничка хуманитарна мисија во еден град во источна Украина.

„Оваа иницијатива се надоврзува на искуството стекнато во Олешки и има за цел да им овозможи на 400 до 500 цивили, кои сè уште се наоѓаат во Костјантинивка, да го напуштат тоа населено место и, всушност, да заминат каде што сакаат“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Европската унија е подготвена да води разговори со Русија за клучните безбедносни прашања по завршувањето на војната во Украина, според декларацијата од Даблин потпишана од 39 земји учеснички на Европскиот политички самит, освен Бугарија.
„Во протоколите стои мојата писмена резерва само за преамбулата. Сето останато го прифаќаме. Во поранешните варијанти имаше став за значењето на преговорите во Абу Даби и дека треба да ги поддржиме, но тоа исчезна. Едноставно не може да има таков текст во декларацијата, оти го стеснуваме полето за преговори“, изјави Румен Радев, премиер на Бугарија.
Декларацијата, иницирана од Франција, предвидува мерки за намалување на безбедносните ризици, воените и хибридните закани, саботажите и дезинформациите по завршувањето на војната во Украина. Русија претходно повика на ограничување на присуството на НАТО во близина на руските граници. Преговарач од страна на ЕУ ќе биде шефицата на европската дипломатија, Калас.
„Европејците мора да бидат на преговарачката маса, се надевам дека нема само да бидеме присутни, туку навистина ќе имаме влијание на исходот од преговорите. Сега најважно е да се држиме до двете работи од договорот: прекин на огнот и потоа разговори за она што следува“, изјави Каја Калас, висока претставничка за надворешна и одбранбена политика.
Иако претстои нова рунда мировни преговори, не престануваат нападите. Руските сили ја бомбардираа Одеса, а украинските Волгоград.
 
Ирина Гелевска