Енергетика

Владата најавува мерки против нов ценовен шок за струјата и парното

13.11.2026 17:40

Цените на електричната енергија и гасот на европските берзи бележат висок раст. Премиерот Мицкоски најави дека Владата ќе интервенира за да го ограничи поскапувањето и да го заштити стандардот на граѓаните.

Владата ќе се обиде да спречи поголемо поскапување на цената на електричната енергија. Државната ЕСМ нема да бара повисока цена на струјата што ја продава на ЕВН Хоум, туку ќе им ја понуди ланската од 65 евра за мегават-час. Но, неизвесно е со каков предлог ќе излезат приватните компании, рече премиерот Мицкоски. Оцени дека состојбата на европските пазари е алармантна, а цената на електричната енергија веќе достигнала над 400 евра за мегават-час, за што Владата подготвува нов бизнис-модел.

За топлификацијата ќе се бара големо поскапување со оглед дека берзанската цена на гасот надмина 90 евра за мегават-час и е за три пати поголема од истиот период лани. Владата ќе интервенира преку механизмите што ѝ се на располагање и ќе се најде начин зголемувањето да не биде алармантно и да се заштити стандардот на граѓаните, изјави шефот на Владата, додавајќи дека со тоа Македонија ќе остане земја со убедливо најниски цени на дизелот и безоловниот бензин, горивата, електричната енергија и затоплувањето во Европа.

Од 1 август жителите на Скопје кои користат централно греење плаќаат повисоки сметки за 3,6 до речиси 6 отсто, откако Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за нови цени на топлинската енергија за сите оператори во главниот град.

 

Викторија Милевска