Политички препукувања за АЛТА банка
Случајот со АЛТА банка ја продлабочува политичката конфронтација. СДСМ го обвинува премиерот Мицкоски за притисок врз обвинителството и бара истрага за одлуките на гувернерот Трајко Славески. ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ со свои аргументи ги отфрлаат обвинувањата и отвораат нови прашања за работењето на банката. Во меѓувреме, СДСМ поднесе кривична пријава против гувернерот и други службени лица.

Мицкоски го копира моделот на Вучиќ – врши притисок врз обвинителството и дава задачи, а гувернерот Славески јавно призна дека одлуката за АЛТА банка ја донел во консултации со премиерот – обвинија од СДСМ. Бараат обвинителството да работи според законот и веднаш да постапува во случајот со банката.
„Зошто не биле направени потребните проверки на сопственикот Давор Мацура, потеклото на капиталот, за кој има информации дека е од криминал и дрога, зошто не се пресметале ризиците? Савески треба да преземе мерки на претпазливост, вклучително и привремена забрана за вршење на должноста на Трајко Славески. Да се спречи влијание врз сведоците, уништување на документацијата и доказите“, изјави Јон Фрчкоски.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека АЛТА банка немала никаква забрана за работа во ЕУ при нејзиниот влез во Македонија. Банката во Австрија била прекршочно казнета затоа што две компании купиле акции над 10 проценти во банката, а тоа не го пријавиле кај регулаторот.
Од ВРЕДИ, пак, укажуваат дека сватот на Али Ахмети добил кредит од АЛТА банка Белград додека се подготвувал влезот на банката во земјава.
И додека партиите јавно се препукуваат за случајот АЛТА банка, социјалдемократите поднесоа кривична пријава против гувернерот Трајко Славески и други службени лица, ден откако Народната банка побара кривична одговорност за функционери во СДСМ.
Миле А.Ристески
