МВР

Расте бројот на пријави за семејно насилство, се заоструваат мерките за заштита

13.11.2026 19:16

Над 1.400 кривични пријави за семејно насилство се поднесени од почетокот на годинава. Новиот закон предвидува отстранување на потенцијалниот сторител од домот, електронски алки и проценка на ризикот за навремена заштита на жртвите.

Внатрешната контрола на МВР не утврдила пропусти во постапувањето на полицијата за случајот во Богданци. 21-годишникот, кој претходно бил пријавуван, минатиот месец добил кривични пријави за телесна повреда и загрозување на сигурноста. На 3 ноември, тој и 17-годишната девојка беа пронајдени мртви. Во првите десет месеци годинава МВР регистрирало 1.897 настани поврзани со семејно насилство. Бројот на кривични пријави е зголемен за 50 проценти. Поднесени се 1.450 пријави за 1.489 кривични дела.

„Растот на пријавите укажува и на зголемена свесност и доверба кај жртвите да побараат помош. Но, за вистинска промена е потребна заедничка реакција на институциите и општеството. Ако сите се фокусираме на ова зло, темната бројка ќе паѓа, а светлата бројка ќе расте“, велат од МВР.

Податоците за последните пет години покажуваат дека над 91 процент од сторителите се мажи, а од 5.890 жртви, 4.658 се жени. Во просек, годишно околу 100 деца се жртви на семејно насилство.

Побрза полициска интервенција и поголема заштита на жртвите треба да овозможи новиот предлог-закон за спречување и заштита од семејно насилство, кој е доставен до Собранието.

Предвидено е полицаецот на терен, доколку процени дека постои ризик, усно да нареди отстранување на потенцијалниот сторител од домот во траење од 48 часа, без оглед дали е сопственик на имотот. Наредбата во рок од шест часа треба да му биде доставена писмено и да биде известен и судот. Новините опфаќаат и електронски алки и проценка на ризикот, со цел навремена реакција и спречување на потешки последици.

 

Наташа Гркова-Петрушевска