Нема ретроактивна примена на новиот Кривичен законик
Новиот Кривичен законик и Законот за кривичната постапка ќе се применуваат само за идните случаи, најави премиерот Мицкоски. СДСМ обвинува дека законските измени имаат цел да се замолчи опозицијата, додека претседателот на Уставниот суд очекува со нив да се коригираат грешките од минатото.

Новиот Кривичен како и Законот за кривичната постапка ќе важат само за идните случаи и нема да се применуваат ретроактивно. Ова го вели премиерот Мицкоски кој ја обвини поранешната влада на СДСМ и ДУИ дека со претходните измени на овие закони овозможиле амнестирање на криминалот и добиле политчка заштита.
Новините, пак, со кои се предвидува санкционирање на ширењето лаги кои може да влијаат врз банкарскиот систем се воведуваат за да спречат политички сопки по искуствата со Алта банка, вели премиерот. И двата закона се испратени на мислење во Брисел.
Опозициската СДСМ смета дека целта на владата е да се замолчи опозицијата.
„Христијан прво ја обвинуваше СДСМ за ширење хистерија, иако тој и Славески ја создадоа. Потоа не обвинуваше за саботажа, иако тој и Славески ја саботираат и ја попречуваат правдата за Алта банка. Потоа му нареди на Славески да поднесува кривични пријави против СДСМ. Денеска Христијан, или малиот Вучиќ зборува за „опструкции“ и се заканува со кривично гонење на опозицијата затоа што ја кажа вистината за Алта банка и неговата врска со криминалниот картел на Вучиќ“, велат од СДСМ.
Претседателот на Уставниот суд очекува новите закони да ги коригираат грешките од минатото.
Нацрт-законските решенија веќе се објавени на ЕНЕР, а со цел стручната јавност да даде забелешки, коментари и предлози.
Анита Димитријевска - Велковска
