Македонија

Скопје одбележа 82 години од ослободувањето

13.11.2026 18:21

Со положување венци и оддавање почит пред Споменикот на ослободителите, беше одбележан 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје. Во борбите за слободата на градот загинале повеќе од 420 борци.

Пред Споменикот на ослободителите се одбележа 82-годишнина од ослободувањето на Скопје. Во сведоштвото на единствениот преживеан од војната во главниот град, Јован Манчески порача дека борците се жртвувале за слободна Македонија, за национална слобода и социјална правда. Младите генерации треба да учат од хероизмот на нашата генерација, посочи тој.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, истакна дека борците од НОВ со огромна храброст и саможртва го отворија патот кон иднината на нашиот град. Нивниот подвиг живее во секое слободно утро на Скопје, во секоја генерација што расте со право да сонува, да создава и гордо да му припаѓа на својот град. Тие се изборија за слободата. Наша должност е да бидеме достојни за неа, вели градоначалникот.

Беше испратена порака од потпретседателката на Сојузот на борците, Елена Јованова-Грујовска, која не беше во можност да присуствува на настанот. Истакнато беше херојството и жртвата на борците од Народноослободителната војска, кои на 13 ноември 1944 година ја донесоа слободата на градот.

Во борбите за ослободување на Скопје загинале повеќе од 420 борци, чија храброст и жртва остануваат длабоко врежани во историјата на градот. Нивната борба е потсетник на цената на слободата и на историското значење на 13 Ноември.

Делегации од Владата, Собранието, Кабинетот на претседателот, Град Скопје, Армијата и Сојузот на борците положија венци пред споменикот на платото пред владината зграда.

 

Игор Панов