Судир на ставови за Законот за јавни набавки
Злоупотребите, или договорите во 4 очи со јавните набавки треба да бидат минато. Власта се надева дека новиот закон ќе го реши ова. За СДСМ со ова се озаконува патот за договор во 4 очи. Познавачите велат дека законската интервенција го ослабнува надзорот и механизмите за спречување на злоупотреби.

По усвојувањето на законските измени за јавните набавки, шефот на Владата Мицкоски тврди дека зголемувањето на финансискиот праг за непосредно договарање ќе ги намали трошоците од намерно обжалување и уривање на тендерите. Тој тврди дека има адвокатски друштва и компании кои на овој начин заработуваат, понекогаш и суми повисоки од самата набавка. Премиерот појасни дека не се менува принципот на избор на најповолна понуда, но дека е повлечен членот со кој не беше ограничен мандатот на членовите на Комисијата.
Од опозициската СДСМ велат дека со законските измени власта ги озаконува диловите во четири очи бидејќи без тендер ќе може да се прават зделки до 25 илјади евра за купување на стоки и 120 илјади евра за градежни работи.
„Многукратно се зголемуваат надоместоците за поднесување жалби. Наместо фирмите да се охрабрат да пријавуваат неправилности, правната заштита им станува поскапа и потешко достапна. Пораката на власта е јасна: функционерите полесно да договараат дилови во четири очи, фирмите потешко да се жалат“, се вели во соопштението од СДСМ.
Законската интервенција отвора простор за помала контрола, предупредува Центарот за граѓански комуникации.
Законот беше доработен, па изгласан откако претседателката Сиљановска – Давкова одби да го потпише указот. Спорниот член 13 е избришан, но останатите измени останаа непроменети.
Анита Димитријевска – Велковска
