Продолжуваат партиските препукувања околу случајот Алта банка
Партиските препукувања околу случајот Алта банка продолжуваат. ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН обвинуваат за кредитот од 5 милиони евра од Белград за компанија на сватот на Али Ахмети, од ДУИ велат актуелната власт ја донела банката. СДСМ повторно дека Мицкоски е во тотална паника и дека тој и Трајко Славески ги загрозиле парите на граѓаните и банкарски систем.

ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ бараат истрага за кредитот од пет милиони евра, што Алта банка – Белград и го одобрила на компанија поврзана со семејството на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Но, од „Вреди“ отворија и нова димензија на случајот – рекоа дека Давор Мацура ги купил акциите за влез во битолската банка од сватот на првиот интегративец.
„Компанијата „Ас Сењак“ на сватот на Ахмети официјално му ги продава своите акции во битолската банка токму на Давор Мацура и неговата „Алта банка“, со што му овозможува директно преземање на банката во Македонија“, изјави Астир Исени од „Вреди“.
„Фирмата „Ас Сењак“ во сопственост на сватот на Ахмети, е фирмата која добива 5 милиони евра кредит од Алта банка Србија, а инаку оваа фирма е исто така позната во Македонија по тоа што е партнерска фирма на Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети, во купувањето на Соравија“, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО - ДПМНЕ.
Се огласи и ДУИ – најави тужби и порача, одлуката за влез на „Алта банка“ во Македонија ја донеле функционери од сегашната власт.
СДСМ повторно прстот го впери кон Мицкоски и Славески.
„Христијан Мицкоски е во тотална паника за Алта банка. Тој и Трајко Славески ја донесоа Алта банка во Македонија, ги загрозија парите на граѓаните, го загрозија банкарски систем. Сега се плаши од сметките, трансакциите и вистината за Алта банка, банката на неговиот шеф Вучиќ“, изјави Наташа Поповиќ – СДСМ.
Обвинувањата доаѓаа откако на Алта банка – Белград и беше одземена дозволата за работа, а нејзиниот сопственик Давор Мацура беше приведен во Србија. Битолската банка е под администрација на НБРМ.
Андријана Ѓурческа
