Џо Кленси- човекот кој треба да ја доведе во ред американската Тајна служба

07.10.2014 10:03

Колку е безбеден американскиот претседател Барак Обама? По серијата сериозни пропусти на тајните агенти, многумина во Вашингтон се сомневаат дека Тајната служба којашто го обезбедува Претседателот и неговото семејство е во добра кондиција да го штити Врховниот Командант на Соединетите Американски Држави...

Многу пропусти за само една недела на американската Тајна служба доведоа до оставка на првата жена директор Џулија Пирсон и назначување на ве-де директор, пензионираниот таен агент, Џозеф Кленси. Кленси бил поранешен шеф на обезбедувањето во Белата куќа до летото 2011-та и човекот којшто сега треба да ја стави во ред американската Тајна служба. 

„Џо Кленси имаше беспрекорна кариера во Тајната служба, а пред тоа дипломирал на Вест Поинт. За време на 10-те години во Тајната служба бил специјален агент задолжен за обезбедувањето на Претседателот Обама. Тој ја заработи довербата и почитта на мажите и жените колеги во Тајната служба и има целосна доверба од Претседатеот и Првата дама. Затоа тој е најдобар избор да ја води Тајната служба додека не се најде постојан нов директор“, изјави Џејмс Брeди, портпарол на Белата Куќа.

По упадот на ветеранот од Ирак, Омар Гонзалес, којшто откако ја прескокна оградата успеа да го помине дворот и да влезе во Белата куќа пред да биде запрен од тајните агенти, се случија уште два инциденти. Човек од Њу Џерси со автомобил наредниот ден се обиде да влезе во кругот на Белата куќа, а неколку дена подоцна тајните агенти дозволиле вооружен поранешен затвореник, сега контрактор да се вози во ист лифт со американскиот Претседател.

Гонзалес при упадот во Белата куќа соборил жена- таен агент, па целиот случај отвори дебата во Вашингтон, дали жени треба да бидат агенти и директори на Тајната служба којашто има одговорна улога во обезбедувањето на американскиот Претседател. Се поставуваат прашања и за процедурите, односно кога тајните агенти можат да употребат оружје за да спречат натрапници.

Најсериозниот инцидент се случил во 2011-та кога било пукано во соба на Белата куќа каде во тој момент се наоѓала керката на американскиот Претседател со нејзината баба, а тајните агенти не забележале дека има истреали од оружје.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ