Струга

ЈП „Водовод и канализација“ – Струга се соочува со кадровска нерамнотежа

15.11.2026 12:43

ЈП „Водовод и канализација“ – Струга се соочува со кадровска нерамнотежа. Претпријатието нема водоинсталатери, електричари и инженери, а дел од работниците кои формално биле заведени како технички кадар, наместо на терен, работеле во канцеларии...

Недостиг од водоинсталатери, електричари и инженери, работници заведени како технички кадар, но распоредени во канцеларии. Кадровската структура на ЈП „Водовод и канализација“ – Струга е еден од проблемите со кои се соочува претпријатието. Директорот вели недостигаат основни технички профили, неопходни за одржување на водоводната мрежа и отстранување на дефектите.

„Во нашето претпријатие немаме стручен кадар. Немавме ниту еден геодет, немаме електричари, водоинсталатери, градежен инженер, хидроинженер. Досега не е примен ниту еден нов вработен во администрацијата. Примани се луѓе што ѝ се потребни на институцијата“, изјави Јованчо Мечкароски, директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Струга.

Лица кои формално биле водени како градежници, оператори и машинисти, наместо на терен, работеле во канцеларии.

„Примани се работници кои биле водени како градежници, оператори, машинисти, а работеле во канцелариите. Тие биле примени на работни места на кои реално биле потребни луѓе за санирање дефекти и ракување со градежните машини, односно за работа на терен“, додаде Јованчо Мечкароски.

Претпријатието предвиде околу 14 милиони денари за привремено ангажирање работници, а досега се отпуштени десетина вработени, поради недисциплина и недоаѓање на работа.

Соња Рилковска