Во тек се подготовките меѓу Русија и Украина за размена на илјада воени заробеници
Во тек се подготовките меѓу Русија и Украина за размена на илјада воени заробеници согласно со договореното во Абу Даби. САД работат на нов дневен ред за идниот трилатерален состанок. На фронтот нападите продолжуваат …

Народните правобранители на Русија и на Украина работат на подготовките за спроведување на најавената голема размена на воени заробеници, во која ќе бидат опфатени најмалку илјада лица. Во исто време, американски претставник за преговорите за Украина, Кушнер, објави дека САД се фокусирани на организирање директен ангажман меѓу Москва и европските партнери, како и на подготовка на дневниот ред за следната рунда трилатерални разговори.
„Американскиот претседател Доналд Трамп јасно стави до знаење оти за траен мир се потребни веродостојни безбедносни гаранции за Украина, како и детални повоени безбедносни аранжмани. НАТО ќе остане „клучен столб“ на европската безбедност, со зајакнати механизми за воена комуникација, избегнување конфликти и взаемна деескалација. Секој конечен договор мора да биде прифатен од релевантните страни“, изјави Џаред Кушнер, претставник на САД.
Руската војска ги продолжи нападите и изминатото деноноќие во повеќе региони. На удар цивилна инфраструктура, има повредени.
„Тоа е апсолутно застрашувачки. Немате претстава од каде доаѓа или каде се упатува. Кога сте во својот стан, а прозорецот се крши врз вас и сфаќате дека не можете да излезете, додека вашето семејство е во соседната соба, стакло лета насекаде, чувствувате мирис на чад и не разбирате што се случува. Ете, затоа е толку застрашувачки“, изјави Објава на Џаред Кушнер, претставник на САД.
Русија пак нотира голем напад со украински беспилотни летала врз енергетска инфраструктура и петрохемиски капацитети.
„По утринските настани, во тек се активности за справување со последиците од непријателскиот напад. Пријавена е штета во индустрискиот комплекс во округот Нижне-Камск, а непријателско беспилотно летало удри во еден од становите во станбена зграда“, изјави Радмир Бељаев, градоначалник на Нижнекамск.
Францускиот претседател Макрон оцени дека Путин не покажува вистинска подготвеност за преговори за завршување на војната, туку се обидува да ја принуди Украина да попушти преку засилени напади врз цивилното население и енергетската инфраструктура. Претседателот на Франција вели дека поддршката за Киев не е само чин на солидарност, туку и вложување во безбедноста на Европа.
Маријана Димовска
