Температурните разлики ги зголемија повиците кон Итната медицинска помош
Десетина граѓани колабирале јавни места поради невообичаено високите температури во ноември кои не очекуваат и следната недела. Стотици повици дневно до Итната помош. Најпогодени се пациентите со срцеви и невролошки заболувања, предупредуваат лекарите. Допонителен ризик по здравјето и сезонските вируси.

Температурните разлики ги зголемија повиците кон итната медицинска помош. Во едно деноноќие имаат и по 100-тина јавувања. Најчесто помош бараат пациенти со срцеви и невролошки заболувања. И покрај редовната терапијата, крвниот притисок им е висок, некои имаат и потешкотии со дишењето – велат лекарите. Десетина граѓани колабирале на јавни места, поради невообичаено топлото време во ноември.
„Потешки беа тие кои при пад се здобиле со повреди на глава, со крварење и да се транспортираат до здравствена установа, да се интервенира и да се направи снимка. Треба да напоменеме дека пациенти кои имаат невролошки проблеми, со епилепсија редовно да ја земаат терапијата и да внимаваат да не се изложуваат на ваквите промени, да не биде тригер фактор за да имаат напади и да колабираат“, изјави д-р Сејфула Адеми – Итна медицинска помош.
Се препорачува и избегнување на собири во затворен простор, каде што поголем е ризикот од ширење на вирусни инфекции.
Во земјава веќе се регистрираат заболени од сезонски грип, здравствените власти апелираат постарите и хронично болните да се заштитат со вакцинација. Имунизацијата е во тек, а со почетокот на работната недела се очекува во вакциналните пунктови да бидат дистрибуирани уште 30 илјади дози од француски производител.
Епидемиолошкиот праг за влез во сезоната со грип сè уште не е достигнат – покажува извештајот на Институтот за јавно здравје. Последната недела пријавени се 112 случаи со симптоми на грип.
Андријана Ѓурческа
