Недвижности

Народна банка го стега обрачот околу условите за кредитирање на втор или трет стан од ист сопственик

15.11.2026 19:20

Построги услови за кредитирање, поголемо учество, помала сума и рок на отплата. За две недели Народната банка го стега обрачот околу банкарските заеми за втор и трет стан за да ги намали ризиците за граѓаните и финансискиот систем. Експертите очекуваат намалување на продажбата но не и значителен притисок врз пазарот на недвижности, кој веќе покажува забавување на продажбата…

Се стега обрачот околу условите за кредитирање на втор или трет стан од ист сопственик. Од идниот месец банките ќе одобруваат помали кредити во однос на платата на клиентот, а максималниот рок за враќање ќе се скрати од 30 на 25 години. Стапката на учество не може да биде помала од 25 проценти, велат од Народната банка. За оние кои купуваат стан во кој ќе живеат, условите остануваат исти. За две недели стартуваат новите правила на Народната банка во обид да се ограничи задолжувањето при купување на дополнителни недвижности во време кога цените на становите одат во нагорна линија. За една година поскапеле за 10,3 насто.

„Целта на мерките е превентивно да се ограничат ризиците од прекумерно задолжување на домаќинствата и да се придонесе за одржливо кредитирање и финансиска стабилност. Поповолниот третман за граѓаните кои првпат купуваат сопствено живеалиште останува непроменет“, соопштија од Народна банка на Република Северна Македонија.

Познавачите очекуваат во претстојниот период со мерките да има благ пад на продажбата на станови купени со кредит но тоа силно нема да влијае на станбената политика во земјава. Засега има забавување на растот на цените, но според експертите квалитетните градби и натаму се плаќаат скапо.

Во третиот квартал од годинава, продажбата на станови се намалила за 14%, а бројот на изнајмени пораснал за 45 насто.

Во земјава се градат 29 илјади станови, но продажбата забавува, а изнајмувањето расте. Податоците покажуваат дека и покрај големата понуда на нови станови, граѓаните сè почесто се одлучуваат за закуп, наместо за купување на сопствен дом.

Анита Димитријевска – Велковска