Партиски обвинувања
Случајот „Алата банка“ ја разгорува политичката пресметка со жестоки меѓусебни обвинувања за сомнителен капитал, конфискувани акции и милионски трансакции...

Акции од Стопанска банка АД Битола на Алта банка ги продал сватот на Али Ахмети преку неговата фирма велат од ВМРО-ДПМНЕ. Филипче и СДС да кажат дали Мацура бил криминалец со сомнителен капитал кога со ДУИ овозможиле влез на Алта банка во Македонија – бараат од владејачката партија.
„Лицемерието кај Филипче е на високо ниво. Ако денес, за Филипче Мацура е криминалец, а Алта банка е банка со сомнителен капитал, зошто во 2023 година кога ДУИ спроведувале влез во Македонија, СДС шурувале? Зошто тогаш Филипче беше тивок, а денес толку гласен? Одговорот е јасен. Затоа што си ја ишка мувата од капата. Филипче е човек полн со багаж од минатото. “, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО- ДПМНЕ.
Тоа е целосна манипулација – реплицираат во опозициската СДСМ. Тврдат дека станува збор 7.213 акции што државата ги конфискувала од Сашо Мијалков и фирмата „Ексико“ со правосилната пресуда за случајот „Империја. Акциите биле продадени за 375.000 евра во јануари годинава – велат од „Бихачка“.
„Одлуката од 6 јуни 2023 година е само редовна законска процедура според законот за управување со конфискуван имот – формална согласност агенцијата за управување со одземен имот да ги продаде запленетите акции за да влезат пари во буџетот. Истиот ден се дадени идентични согласности и за други запленети акции. Овие акции воопшто не беа продадени во мандатот на СДСМ. Алта банка тогаш воопшто не беше присутна во државата. Влезот на српската Алта банка и преземањето на стопанска банка се случија во есента 2025 година со одлука на Мицкоски и неговата власт“, изјави Маја Борозан од СДСМ.
ВРЕДИ пак, со документ тврди дека, Артан Груби ја потпишал владината одлука за отуѓување на запленетите акции. Врвот на ДУИ го расчистил патот, Алта банка да ја купи Стопанска банка Битола.
Ја споменуваат продажбата, во 2023 година, на одредени акции на Стопанска банка – Битола, како тогаш некој да можел да знае дека во 2025 година Владата на ВМРО и ВЛЕН ќе ја потпише одлуката за продажба на банката на белградската Алта банка-реагираат од ДУИ.
Селаудин Арифи, сватот на Али Ахмети ги демантира тврдењата на вреди дека тој ги купил акциите од Стопанска банка АД Битола па потоа ги продал на Мацура и Алта банка, но негира и дека подигнал кредит од 5 милиони евра. Тој најави тужби за клевета.
Миле А. Ристески
