Продолжува расправата за Буџетот за 2027
Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја продолжува расправата по Предлог-буџетот за 2027 година во второ читање, за кој се поднесени повеќе од 300 амандмани.

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ја продолжува расправата по Предлог-буџетот за 2027 година во второ читање, за кој се поднесени повеќе од 300 амандмани.
Комисиската расправа започна во петокот и согласно собранискиот Деловник може да трае до десет дена, четири дена се предвидени за општ претрес, а шест за разгледување на поднесените амандмани.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, при презентацијата на буџетот, истакна дека неговата цел е да обезбеди економски раст, фискална стабилност и подобрување на јавните услуги.
Според проекциите, во 2027 година се очекува раст на БДП од 3,8 проценти, додека вкупните буџетски приходи се планирани на 395,4 милијарди денари, а расходите на 440,4 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 проценти од БДП. За капитални инвестиции се предвидени 40,8 милијарди денари.
Од Министерството за финансии посочуваат дека приоритет ќе бидат развојните инвестиции, инфраструктурата, енергетиката, здравството, образованието и земјоделството.
