Иновациите- предуслов за раст на малите и средните претпријатија
Новата стратешка рамка на Европската унија во која е нагласена улогата на малите и средните претпријатија како движечка сила на европската екононмија и значењето на иновативните процеси за подобрување на економските перформанси е темата на конференцијата која се одржува во Охрид. На собирот учествуваат експерти, професори, докторанти и стопанственици од 13 држави од Југоисточна Европа...

Во македонското стопанство постои придвижување во процесот на имплементација на новите идеи во современото економско работење, сметаат експертите. Веќе се напушта концептот на развојот на економијата базиран единствено врз основа знаење и сега тој се гледа и преку развојот на иновациите.
„Добро е компаниите да сфатат дека за да бидат конкуренти потребно е нештото да го прават поинаку од другите, подобро и поквалитетно од другите. На тој начин би се направила некоја конкуретска предност пред останатите. Во трката за профит никој не чека“, смета деканот на Економскиот факултет од Прилеп, Ѓорѓи Манчески.
Академските експерти и банкарите имаат слична улога. Да го советуваат бизнис секторот, да нудат и подржуваат иновативни идеи, кои што ќе бидат применливи во пракса.
„Стопанството на Република Македонија доста добро помина и сме една од земјите со најдобра динамика и раст и во услови на криза. И од тој аспект сметаме дека таа комбинација добро функционира, но сепак има простор за подобрување“, вели директорот на Шпаркасе банка, Глигор Бишев.
„Во земјите од Југоисточна Европа тој тренд на иновации во бизнис секторот станува се поприсутен. И во иднина најверојатно низ процесот на глобализација тоа ќе биде еден од најважните предуслови за развој“, изјави проф. д-р Сафет Козаревиќ од Факултетот за економски науки- Тузла.
Во иднина се очекува поголема застапеност на практичната настава во образовните институции, бидеќи само на тој начин студентите веднаш по завршувањето на образованието ќе можат да се вклопат во стопанството.
Сашо Нелоски
