Народна банка

Прва аукција за продажба на „АЛТА банка“ на 30 ноември, почетна цена 3.777 денари по акција

16.11.2026 09:29

Првата берзанска аукција е закажана за 30 ноември, а заинтересираните инвеститори треба да достават барање за претходна согласност најдоцна до 19 ноември.

Народната банка ја објави постапката за продажба на 95,336 проценти од акциите на „АЛТА банка“ АД Битола, со цел да се обезбеди нов сопственик и услови за продолжување на нејзиното работење. Првата берзанска аукција е закажана за 30 ноември, а заинтересираните инвеститори треба да достават барање за претходна согласност најдоцна до 19 ноември.

Предмет на продажба се 372.742 обични акции во сопственост на „Алта банка“ АД Белград – во стечај. Продажбата ќе се спроведе преку Македонската берза на хартии од вредност, според моделот „сè или ништо“, односно ќе се продава целиот акционерски пакет.

Почетната цена е утврдена на 3.777 денари по акција, врз основа на тековната берзанска цена.

Доколку акциите не бидат продадени на првата аукција, следните ќе се одржат на 1, 2, 3, 4 и 7 декември. При секоја наредна аукција, почетната цена ќе се намалува за 10 проценти во однос на претходната.

Заинтересираните инвеститори треба до 19 ноември да достават барање до Народната банка за добивање претходна согласност за стекнување квалификувано учество во Банката, како и писмена изјава дека ќе ги обезбедат средствата потребни за купување на акциите.

Од Народната банка посочуваат дека постапката е насочена кон обезбедување нов сопственик, создавање услови за натамошно стабилно работење на „АЛТА банка“ и зачувување на интересите на штедачите и останатите клиенти.