„Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски со одличен прием на Филмскиот фестивал во Каиро
Филмот беше прикажан во официјалната селекција, надвор од конкуренција, бидејќи претходно се натпреваруваше на фестивалот во Токио, каде што ја освои главната награда – Гран при на гувернерот на Токио.

По освојувањето на главната награда на Филмскиот фестивал во Токио, новиот филм на Милчо Манчевски „Сестра, брат и шахта“ доби позитивни реакции и на 47. Меѓународен филмски фестивал во Каиро. Публиката во легендарната Каирска опера го поздрави филмот со долг аплауз, а светските филмски критичари ги издвојуваат режисерскиот пристап, актерските остварувања и општествената критика.
Филмот беше прикажан во официјалната селекција, надвор од конкуренција, бидејќи претходно се натпреваруваше на фестивалот во Токио, каде што ја освои главната награда – Гран при на гувернерот на Токио.
Според информациите од продукцијата, проекцијата во Каиро предизвикала силни реакции кај публиката, со смеа и емотивни моменти, а разговорот со гледачите по завршувањето траел до доцна во ноќта. Манчевски потоа се сретнал со публиката, давал автограми и интервјуа за египетски и меѓународни медиуми.
За филмот пишуваа и реномирани светски медиуми, меѓу кои „Холивуд репортер“, „Варајети“, „Дедлајн“ и „Скрин дејли“. Критичарите ги издвојуваат жанровската иновативност, црниот хумор, актерската игра и темите за социјалната нееднаквост, корупцијата и семејните врски.
Во рецензијата за „Синеуропа“, Сузан Готлиб го опишува филмот како кулминација на препознатливиот стил на Манчевски, во кој човечките односи и трагедијата се испреплетуваат со остра опсервација на општествените прилики и ироничен хумор.
„Филм кој на крајот открива најголемо богатство во длабоките врски меѓу луѓето“, пишува Мередит Тејлор за „Филмуфорија“.
„Сестра, брат и шахта“ е црна комедија и социјална сатира за двајца браќа и сестри кои живеат на маргините на општеството, а нивната подготвеност да направат сè за да се заштитат е една од централните теми на филмот.
Ова е деветтиот долгометражен игран филм на Манчевски. Во 2026 година тој го реализираше и документарниот филм „Добри луѓе“, посветен на трагедијата во Кочани, кој го финансираше самостојно. Приходите од филмот, според најавата на продукцијата, во целост се наменети за жртвите од трагедијата.
Во главните улоги во „Сестра, брат и шахта“ настапуваат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов и Дејан Лилиќ, заедно со бројни други македонски актери. Филмот е реализиран со меѓународна екипа и копродуценти од Бугарија, Србија, Италија, Англија и Албанија.
