Во Љубојно отворен погон за праработка на јаболка

07.10.2014 10:31

Пионерска приватна инвестиција во ресенското село Љубојно која ќе значи спас за пласманот на јаболкото од пониските класи. Погонот во кој се вложени 150 илјади евра засега ќе произведува сок, а во план е проширување на асортиманот. Од ова овошје можат да се произведуваат многу здрави и нови производи...

Од јаболкото може да се добијат над 50 производи. За жал, во Преспа, во која годишно се добиваат и до 100.000 тони јаболко, се уште не се изградени погони за преработка на јаболко, освен за сок и концентрат од јаболко. Можеби, новиот погон во Љубојно,  кој покрај сок  во иднина ќе произведува и чипс, киселина и јаболково вино, ќе привлече и други инвеститори, во таа насока.

„Да ги вработиме невработените, да ги задржиме младите луѓе. Ние почетно ќе вработиме до 10 луѓе во фабриката, а вршиме и откуп на конзумно јаболко“, вели инвеститорот Љупчо Стојковски.

Ова е добар пример за заживување на малото стопанство во општината, а посебно радува фактот што оваа инвестиција е отворена во Љубојно, село од кое во голем број на жители се одселени, со што би се овозможило на некој начин и перспектива на младото население во ова село.

„Со една огромна желба и волја на инвеститорот овој објект успеа да се реконструира и да се овозможи да се отвори овој капацитет за преработка на јаболка“, изјави градоначалнкиот на Ресен, Ѓоко Стрезовски.

Аир од овој погон очекуваат и овоштарите.

„Среќен сум што вакви инвестиции се отвораат во Преспа и дај боже што повеќе да ги има“, вели еден овошар од Љубојно.

Инвестицијата чини 150.000 евра, а се очекуваат и нови вработувања. 

 

Сандре Темелковски