Кривична пријава за 31-годишник од Охрид, осомничен дека ја претепал девојката и ѝ нанел тешки телесни повреди
СВР Охрид поднесе кривична пријава против 31-годишен охриѓанец, осомничен дека физички ја нападнал својата 26-годишна девојка, по што таа изгубила свест и се здобила со тешки телесни повреди. По инцидентот, приведен бил и таткото на девојката, по пријава за упатени закани кон осомничениот и неговото семејство.

Според информациите од полицијата, нападот се случил на 15 ноември, околу 2 часот по полноќ, по претходна расправија што започнала во домот на осомничениот, а продолжила во неговиот автомобил.
Тој најпрво ја нападнал девојката во возилото, а откако го запрел, продолжил физички да ја удира. Девојката изгубила свест и била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во болницата „Св. Еразмо“, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.
Осомничениот бил лишен од слобода во 5:05 часот и задржан во полициска станица. По барање на Основното јавно обвинителство, Основниот суд во Охрид му определил мерки на претпазливост.
Во врска со случајот, полицијата го привела и 49-годишниот татко на девојката, откако мајката на осомничениот пријавила дека тој телефонски му упатувал закани на нејзиниот син и на целото семејство. И тој бил задржан во полициска станица, а против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
