Крива Паланка

Се бараат законски овластувања за справување со добитокот

16.11.2026 18:14

Конкретни овластувања за интервенција бара Општина Крива Паланка. Градоначалникот е подготвен да ја преземе одговорноста, но бара од Владата јасна законска рамка. Неконтролираното движење на над 1.000 грла добиток продолжува да создава штети. За проблемот слушна и светот.

Законски механизам за организирана интервенција со јасни овластувања, одговорности и ветеринарен надзор бара Општина Крива Паланка за надминување на проблемот со неконтролираното движење на добитокот. Градоначалникот Митовски апелира Владата и Агенцијата за храна и ветеринарство да му овозможат мандат.

„Повеќе од две години постојат правосилни и извршни решенија за одземање на добитокот. Државата донела одлуки, но тие сè уште не се целосно спроведени. За тоа време проблемот расте, штетите се зголемуваат, а граѓаните со право ја губат довербата во самите институции. Ако е потребно општината да преземе поголема оперативна улога, подготвен сум да го направам тоа, веднаш штом ќе бидат обезбедени сите законски услови“, истакна градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.

Општината претходно бараше Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба, бидејќи надлежните агенции немаат можност, возила и простор за сместување на заловените животни. Над 1.000 грла добиток продолжуваат да се движат низ централното подрачје и населените места.

Жителите подолг период реагираат на уништени земјоделски насади, приватни и јавни површини и загрозување на безбедноста во сообраќајот. Најавија и можна блокада на магистралниот пат кој води кон границата со Бугарија. За проблемот со добитокот во Крива Паланка деновиве информираа и странските медиуми.

Елена Георгиевска