Половина од граѓаните што купуваат онлајн во Македонија плаќаат исклучиво во готовина при достава
Според анализата, 84,3 проценти од возрасното население во земјава има сметка во финансиска институција, а 75,2 проценти поседуваат дебитна картичка. Сепак, само 27,4 проценти користеле мобилен телефон или интернет за плаќање сметки, додека 28 проценти ги користеле овие услуги за купување производи и услуги.

Иако три четвртини од возрасните граѓани поседуваат дебитна картичка, дигиталните плаќања сè уште не се доволно застапени во е-трговијата. Половина од онлајн купувачите плаќаат исклучиво во готовина при достава, а кај лицата над 55 години овој удел достигнува 81,8 проценти, покажува новата анализа на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Според анализата, 84,3 проценти од возрасното население во земјава има сметка во финансиска институција, а 75,2 проценти поседуваат дебитна картичка. Сепак, само 27,4 проценти користеле мобилен телефон или интернет за плаќање сметки, додека 28 проценти ги користеле овие услуги за купување производи и услуги.
Податоците од Global Findex 2025, на Светската банка, собрани во 2024 година, покажуваат дека од анализираните онлајн купувачи на физички производи, 50 проценти плаќаат исклучиво во готовина при достава, 37,2 проценти комбинираат готовинско и онлајн плаќање, а само 12,7 проценти плаќаат исклучиво дигитално.
Возраста е еден од најзначајните фактори што влијаат врз изборот на начин на плаќање. Кај онлајн купувачите на возраст од 15 до 34 години, 40,3 проценти плаќаат исклучиво во готовина, кај возрасната група од 35 до 54 години уделот е 49,4 проценти, додека кај лицата над 55 години достигнува 81,8 проценти.
Разлики има и според местото на живеење и приходите. Во руралните средини, 60 проценти од онлајн купувачите плаќаат исклучиво во готовина, наспроти 41,4 проценти во урбаните средини. Кај купувачите со пониски приходи овој удел е 66,5 проценти, додека кај оние со повисоки приходи изнесува 43,2 проценти.
За разлика од возраста и приходите, полот речиси и да не влијае врз изборот на плаќање – 50,5 проценти од жените и 49,6 проценти од мажите кои купуваат онлајн плаќаат исклучиво во готовина.
Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија, д-р Нина Ангеловска Станков, посочува дека дигитализацијата на купувањето не значи автоматски и дигитализација на плаќањето. Според неа, за поголема употреба на дигиталните платежни методи потребни се поголема доверба, дигитална писменост и поедноставни и побезбедни решенија за потрошувачите.
Анализата е спроведена од Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија со поддршка на Visa и беше презентирана на деветтата Регионална конференција за е-трговија во Скопје. Целта е да се идентификуваат навиките и предизвиците во плаќањето при онлајн купување и да се предложат решенија за поголема употреба на дигиталните плаќања.
