Ебола во Европа: Заразена медицинска сестра во Шпанија

07.10.2014 10:41

Прв случај на ебола во Европа. Од Западна Африка е пренесен во Шпанија. Заразена е медицинска сестра. Под надзор е целиот медицински тим, кој работел со неа во болницата...

Еболата помина ново ниво во Европа. Првиот случај на пренос надвор од Западна Африка се случи во Шпанија. Заразена е медицинска сестра која во Мадрид го лекувала двајца шпански свештеници кои починаа откако се заразиле во Либерија.

„Здравствените власти работат координирано за да и помогнат на пациентката и да ја гарантираат безбедноста на населението. Се преземаат сите неопходни мерки“, вели Ана Мато, министер за здравство на Шпанија.

Медицинската сестра ги почувствувала првите симптоми пред една недела, но се обратила за помош дури вчера. Во моментов е пренесена во специјално одделение во болницата Карлос 3-ти. Под надзор се другите членови од медицинскиот тим и се испитува како дошло до преносот на вирусот.

„Пред се, се обидуваме да го откриеме изворот на зараза. Проверуваме дали биле строго следени сите воспоставени протоколи“, додава Мато.

САД воведуваат построги мерки против еболата. Претседателот Обама го објави планот за аеродромски проверки на патниците што доаѓаат од Западна Африка. Веројатноста за ширење на вирусот е мала, но нема голема маргина за грешка, предупреди Обама.

„Ако другите земји мислат дека може само да стојат од страна и да ги остават САД да го решаваат проблемот, ќе имаме помалку ефективен и побавен одговор. Тоа значи дека ќе умираат луѓе“, изјави претседателот на САД, Барак Обама.

Првиот заболен и неговото семејство остануваат во карантин во Далас, под надзор се уште 80-тина лица.

Во Европа, заразени со Ебола освен во Шпанија има и во Норвешка и во Германија, додека во Франција заздраве една заразена медицинска сестра.

Од смртоносниот вирус починаа најмалку 3.400 луѓе, главно во Западна Африка.

Заразата предизвика економска и хуманитарна катастрофа, оставајќи илјадници сирачиња без едниот или обајцата родители, а преживеаните се отфрлени од нивните заедници.

 

Ивана Салтировска