Воен конфликт

ЕУ најавува нов пакет санкции за Русија, Киев бара посилна поддршка

16.11.2026 19:48

Додека борбите на фронтот продолжуваат, европските министри најавуваат 22-ри пакет санкции за Москва и дополнителна помош за Украина. Киев бара ракети за противвоздушна одбрана и единствена европска позиција во мировните преговори, а Кремљ ја оспорува улогата на Европа во нив.

Жестоки напади на фронтот и засилени дипломатски притисоци. Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат за нови воздушни удари, а погоден е и Кримскиот мост, по што сообраќајот е запрен. Во Брисел, европските министри разговараат за дополнителна помош за Украина и најавија нов 22-ри пакет санкции за Русија, обвиниувајќи ја Москва дека ги усложнува напорите за мир со нови максимални барања.

„Русија ги повторува истите барања што ги постави во 2021 година, а сега додава и нови. Тоа е јасен изговор за продолжување на војната. Русија е агресорот и токму од неа мора да се бараат отстапки за да се постигне праведен и траен мир“, изјави Каја Калас, висока претставничка на ЕУ за надворешна политика.

„Русија на Путин се обидува да ја насочи дебатата во своја полза со сè поапсурдни максимални барања. Поддршката за Украина е заедничка европска задача и не смее да падне само на неколку земји-членки“, рече Јохан Вадефул, министер за надворешни работи на Германија.

„Предлози за прекин на огнот беа упатени безброј пати. На Путин е да ги прифати, за да може да се воспостави траен мир, со гаранции што ќе го исклучат ризикот од нова агресија“, изјави Жан-Ноел Баро, министер за надворешни работи на Франција.

Киев, во меѓувреме бара дополнителна воена помош и ракети за противвоздушна одбрана. Зеленски очекува претстојните средби во Рамштајн и во Берлин со коалицијата на подготвените, да обезбедат посилна и единствена европска позиција во мировните преговори.

„Имаме можност да воспоставиме целосно единствена и силна европска позиција за преговорите. Форматот Украина – Америка – Русија не треба само да стане четиристран, туку и значително посилен“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Но, Москва ја доведува во прашање улогата на Европа во преговорите. Портпаролот на Кремљ, Песков, вели дека европските земји треба да објаснат како нивното учество би придонело за мир. Според него, најавите за продолжување на поддршката за Киев не се сигнал за подготвеност за мир.

„Таквите изјави, ако нешто покажуваат, тогаш тоа е неподготвеност да се олесни мировниот процес. Би било корисно директно да слушнеме од Европејците како нивната позиција навистина може да придонесе за мировниот процес“, рече Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Во меѓувреме, Украина ги повика европските земји да го следат примерот на Естонија, која од први декември ги затвора патните гранични премини со Русија по обидот за саботажа во фабрика за дронови. Осум лица се приведени. Москва засега не ги коментирала обвинувањата.

 

Бојана Крстевски