Хаџи Василева на чело на ОЈО ГОКК
Искра Хаџи Василева ја презеде функцијата шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Најави ефикасен кривичен прогон и подобрување на постапувањето во предметите против полициски службеници. Како главни предизвици ги посочи недостигот од кадар и ограничените ресурси, а призна дека влијанија постојат, но оти клучно е како обвинителите ќе се постават кон нив.

Искра Хаџи Василева седна на челната позиција на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Вети ефикасен кривичен прогон. Најави подобрување на постапувањето во предметите против полициски службеници, а како предизвици ги посочи недостигот од кадар и ограничените ресурси. Според неа, влијанија имало, но, вели, прашањето е како обвинителите ќе се однесуваат со нив.
„Влијанија е природно, да, веројатно има, ги има секаде, веројатно ќе ги има и овде, особено на оваа позиција, шеф на ОЈО ГОКК. Тоа не се единствено влијанија од политичарите, ние и низ работата чувствуваме влијанија од различни центри на моќ, бизнис, други интересни групи. Суштината е како ние ќе се поставиме во однос на тие влијанија“, изјави Искра Хаџи Василева – претседателка на ОЈО ГОКК.
Институцијата работеше професионално, законито и објективно, без надворешни влијанија – рече нејзиниот претходник Абази. Се враќа во гостиварското Вишо обвинителство.
„Зад себе оставам добар тим на јавни обвинители, стручни и обучени, кои можат да одговорат на предизвиците и надлежностите во тоа обвинителство. Зад себе оставам и професионален истражен тим и очекувам дека и во иднина јавните обвинители, заедно со новата обвинителка, ќе имаат успех во своето постапување“, изјави Абази – виш јавен обвинител.
Државниот обвинител Савески од новата шефица очекува да ја зголеми довербата на граѓаните и да докаже дека ќе работи во нивни интерес, а работата на нејзиниот претходник Абази ја оцени како задоволителна.
„Ги задоволувал професионалните стандарди, неговото постапување не е воопшто забележано дека е против некоја законска норма, обвинителите од тоа обвинителство никогаш не се пожалиле на влијание или на притисок извршен од страна на јавниот обвинител“, изјави Ненад Савески – државен јавен обвинител.
Хаџи Василева беше избрана за шефица на ОЈО ГОКК на изборите одржани на 28 октомври годинава, кога освои 64 гласа од вкупно 171 важечко гласачко ливче.
Наташа Гркова - Петрушевска
