МВР

Приведен осомничениот за претепување на девојката

16.11.2026 17:09

Попладнево повторно е приведен 31-годишниот охриѓанец, кој вчера ја истепа својата девојка. Алкотестот покажал 1,29 промили алкохол во крвта кај осомничениот. Девојката е во добра општа здравствена состојба, додека Обвинителството продолжува да ги утврдува сите околности на настанот…

Попладнево повторно е приведен 31-годишниот охриѓанец, кој вчера ја истепа својата девојка. СВР Охрид против него поднесе кривична пријава за тешка телесна повреда. Според полицијата, расправијата започнала во неговиот дом, а продолжила во автомобилот. Откако го запрел возилото, нападот продолжил, при што 26 годишната девојка изгубила свест и паднала.

Тој беше приведен неколку часа по нападот, при алкотестирањето биле утврдени 1,29 промили алкохол во крвта. Возилото му е одземено, се чекаат насоки од Обвинителство.

„Извршено е алкотестирање на можниот сторител, поточно на лицето против кое е поднесена кривичната пријава. Кај него се констатирани 1,29 промили алкохол во крвта, по што и по овој основ против него ќе биде поднесена соодветна пријава.“

Повредената била пренесена во Специјалната болница Свети Еразмо и е надвор од животна опасност“, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

„Се работи за модринки и полесни контузии. Направени се потребните медицински испитувања, заклучно со компјутеризирана томографија. Пациентката беше задржана за понатамошна опсервација во текот на целиот ден. Денеска е за испис. Се наоѓа во добра општа здравствена состојба“, изјави Хари Шокароски, директор на „Св. Еразмо“.

Од Јавното обвинителство информираат дека интензивно се работи на расветлување на случајот.

„Нејзиниот исказ е многу суштествен и од него можат да произлезат докази со голема доказна вредност. Во текот на денот ќе има официјално соопштение за правната квалификација и за соодветната јавнообвинителска одлука“, изјави Ненад Савески, Јавно обвинителство.

Во меѓувреме мајката на осомничениот пријавила дека таткото на девојката упатувал закани кон семејството, по што против четириесет и деветгодишникот е поднесена кривична пријава за загрозување на сигурноста и мерки на претпазливост.

Соња Рилковска