Шасивари: Нема толеранција за насилството врз жените, институциите мора да постапуваат без селективност
Случаите со брутално претепаната 26-годишна девојка од Охрид и смртта на 17-годишната девојка се сериозни предупредувања дека насилството врз жените бара итен и бескомпромисен институционален одговор. Министерот за правда Јетон Шасивари бара од полицијата, обвинителството и судовите професионално и неселективно постапување, без притисоци и двојни стандарди.
Министерот за правда Јетон Шасивари најостро го осуди насилството врз жените, повикувајќи ги надлежните институции да постапуваат професионално, навремено и без селективност. Реакцијата следува по случајот со 26-годишната девојка од Охрид, која беше брутално претепана, и неодамнешната трагедија во која животот го загуби 17-годишна девојка.
Шасивари нагласува дека нема оправдување за насилството, ниту простор за негово релативизирање или за обиди за влијание врз институционалните постапки.
Според него, полицијата, обвинителството и судовите мора да постапуваат без притисоци, привилегии и двојни стандарди. Секое евентуално непостапување, пропуст или незаконско влијание треба да биде соодветно проверено и санкционирано.
Министерот посочува дека со новиот Кривичен законик дополнително се зајакнува кривичноправната заштита од семејно и родово базирано насилство. За потешките облици се предвидени затворски казни, а за определени кривични дела гонење по службена должност, со што товарот на постапката не се префрла врз жртвата.
Шасивари потенцира дека законските одредби мора доследно да се применуваат, секоја пријава да се сфати сериозно, а ризиците навреме да се препознаат.
„Заштитата на жртвите мора да биде приоритет, законот мора да важи еднакво за сите, а одговорноста да биде правило, а не исклучок“, порачува министерот за правда.
