Евроинтеграции

Мицкоски: Нема гаранции дека уставните измени се последното барање на патот кон ЕУ

16.11.2026 17:47

Премиерот Христијан Мицкоски на Форумот за проширување во Брисел порача дека условите што ѝ се поставуваат на Македонија не се поврзани со реформите и дека нема гаранции оти уставните измени ќе бидат последното барање. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, порача дека треба да се искористи новиот замав за проширување на Унијата.

Македонија беше меѓу првите земји за проширување, но постојано добива услови за приклучување што немаат врска со реформите. Последното барање за уставни измени е проблематично, оти нема гаранции дека е последно, истакна премиерот Мицкоски на Форумот за проширување „Поширока Европа – посилна Европа“ во Брисел.

„Ако го менуваме Уставот само затоа што некој сака да го промени нашиот идентитет, тогаш сигурно тоа не е поврзано со проширувањето. Тоа ќе го загрози кредибилитетот на процесот на проширување. Жал ми е што можеби звучам песимистички, но не сме песимисти, напротив, активни сме и конструктивни континуирано да се најде решение како да се надмине оваа пречка. Иако фрустрацијата е голема, сепак поддршката за ЕУ е прилично голема, над 70 проценти од граѓаните се за членство во ЕУ“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Во Европскиот парламент на демократијата имаше обид за годишниот извештај за напредокот, од некои пратеници кои се за проширување, да го сменат македонскиот јазик во модерен македонски јазик. Не успеаја, но компромисот беше да се избрише сѐ, па добивме извештај без нација и јазик. Силно сугерирам на европратениците да не го следат овој пример за извештајот догодина, истакна премиерот Мицкоски.

Според шефицата на Европската комисија, приемот на нови членки не ја прави ЕУ само просперитетна, туку и посилна. Фон дер Лајен децидна – мора да ја зграпчиме можноста и да се подготвиме за ново проширување. Работиме кандидатките да ги ползуваат придобивките од приклучувањето пред членството.

„Имаме два предлога, две цели. Пред сѐ, да се искористи предноста на интеграцијата порано и да се осигура дека нашите заеднички правила ќе продолжат да се почитуваат по интегрирањето“, изјави Урсула фон дер Лајен – претседателка на Европската комисија.

Целта на ЕУ е приклучување на сите граѓани од земји што се на европскиот континент и ја нарекуваат Европа свој дом во единствена Европска Унија, порака од Форумот за проширување во Брисел.

 

Ирина Гелевска