Секое десетто бебе се раѓа предвреме
Предвременото раѓање останува еден од најголемите предизвици во неонатологијата. Лекарите успеваат да спасат и бебиња со родилна тежина од само половина килограм, но велат дека покрај намалувањето на смртноста, приоритет е и спречувањето на предвремените породувања.

Девојки забременуваат прерано, некои од нив користат цигари, алкохол, но и психотропни супстанции, а голем број жени забременуваат подоцна, кога веќе имаат коморбидитети. Ова се причини за предвремено раѓање. Едно од 10 бебиња доаѓа на свет предвреме. Здравствените работници успеаја да ја намалат смртноста и голем процент од бебињата да ги испратат дома. Сега предизвик е да се намали бројот на предвремени раѓања.
Бебиња со родилна тежина од половина килограм преживуваат, како и оние родени во 24 гестациска недела. Но, борбата продолжува и по излегувањето од болница.
Во моментот на ГАК има 43 новороденчиња, на дел од нив им е потребна механичка поддршка, а дел, речиси 12–13, дишат со респиратор. Поради грипот и морбилите, ограничен е пристапот на родителите кај нивните предвреме родени бебиња.
Наташа Јанчиќ-Менковски
