Обвинителството побара притвор за осомничениот од Охрид, девојката надвор од животна опасност
Обвинение за семејно насилство против 31-годишниот охриѓанец осомничен за нападот врз својата 26-годишна партнерка. Обвинителството го товари за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста, а до судот достави и предлог за определување притвор. Девојката е надвор од животна опасност, а истрагата ги опфати и пријавените закани од нејзиниот татко кон семејството на обвинетиот...

Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинение против 31-годишниот охриѓанец за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста, сторени при вршење семејно насилство врз неговата 26-годишна партнерка.
Според обвинението, обвинетиот противправно ја затворил оштетената, физички ја нападнал, телесно ја повредил и ѝ ја загрозил сигурноста.
Оштетената била испитана во присуство на претставници на социјалните служби, а било извршено вештачење за видот и карактерот на повредите. Обвинителство предложи притвор за напаѓачот.
„Заедно со обвинението, а имајќи ги предвид утврдените околности во предметот, јавниот обвинител до Судот достави предлог за определување мерка притвор за обвинетиот“, соопштија од Основното јавно обвинителство Охрид.
Претходно, од СВР Охрид информираа дека 31-годишникот бил лишен од слобода на 15 ноември во 05:05 часот. При алкотестирањето кај него биле измерени 1,29 промили алкохол во крвта.
„Извршено е алкотестирање на можниот сторител, поточно на лицето против кое е поднесена кривичната пријава. Кај него се констатирани 1,29 промили алкохол во крвта, по што и по овој основ против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Повредената била пренесена во Специјалната болница Свети Еразмо и е надвор од животна опасност.
„Се работи за модринки и полесни контузии. Направени се потребните медицински испитувања, заклучно со компјутеризирана томографија. Пациентката беше задржана за понатамошна опсервација во текот на целиот ден. Денеска е за испис. Се наоѓа во добра општа здравствена состојба“, изјави Шокароски.
Паралелно се води постапка и против таткото на девојката, кој беше лишен од слобода по пријава дека упатувал закани кон семејството на обвинетиот. Против него е поднесена кривична пријава за загрозување на сигурноста и мерки за претпазливост.
Соња Рилковска
